Go to content

Political donations | Политички донации

On this page

Овие информации се преведени на други јазици за да се овозможи соработка со пошироката заедница во Нов Јужен Велс. Иако беа вложени сите напори да се обезбедат точни преводи, ниту еден превод не е совршен. Официјалниот текст е верзијата на англиски јазик на оваа веб-страница. Сите недоследности или разлики кои произлегуваат од преводите нема да имаат правно дејство за целите на услогласување или спроведување. Доколку се појават какви било прашања во врска со точноста на преведените информации, ве молиме погледнете ја англиската верзија на материјалите.

Политички донации

Политичките партии, кандидатите, други поединци и организации кои се вклучени во политиката или изборите може да бараат донации или други видови на поддршка, особено во предизборието.  

Политичка донација е подарок даден на или во корист на политичка партија, избран пратеник во Парламентот или локална општина во Нов Јужен Велс, кандидат или група на кандидати на државни или локални избори во Нов Јужен Велс или лице кое ја користи донацијата за покривање на изборни трошоци или да даде политичка донација на друго лице. Постојат ограничувања за вкупниот износ што една политичка партија, кандидат или друг учесник во изборите може да го прифати од политички донатор во една финансиска година. Овие максимални износи на донации се ускладуваат секоја финансиска година и се објавуваат на веб-страницата на Изборната комисија на Нов Јужен Велс (NSW Electoral Commission).

Кога некој донатор ќе даде политичка донација, од него може да се побара да го даде неговото име и адреса со цел примателот на донацијата да може да потврди дека донаторот е легитимен и дека донацијата е во рамките на ограничувањата за донации. 

Видови на политички донации

Политичките донации се донации за државни или локални избори во Нов Јужен Велс или за избрани пратеници во Параламентот или локалните општини во Нов Јужен Велс.

Во примери на политички донации се вклучуваат:

  • парични подароци 
  • непарични подароци  
  • бесплатни услуги или услуги со попуст
  • придонес, влезница или друга исплата за учество на или корист од настан или официјален прием за собирање на парични средства 
  • годишни или други претплати кои на политичка партија ги плаќа член на партија, физичко или правно лице поради партиска припадност
  • ненаплатена камата на заем.

Во политички донации во Нов Јужен Велс не се вклучуваат:

  • наследства
  • подарок даден исклучиво заради сојузни избори, или на пратеник во Сојузниот парламент, или за избори надвор од Нов Јужен Велс, или на избран пратеник надвор од Нов Јужен Велс.  

Политички донации кои мора да се пријават

Политичка донација која мора да се пријави е донација во вредност од 1.000 долари или повеќе. Ова вклучува повеќекратни донации од ист донатор на ист примател во една финансиска година во вкупна вредност од 1.000 долари или повеќе.

Лицето кое дава политичка донација која мора да се пријави е главен политички донатор.

Кога некоја политичка партија, избран пратеник, кандидат или друг учесник во изборите ќе прими политичка донација која мора да се пријави, на главниот политички донатор мора да му се даде потврда.  

За непарични донации, на главниот политички донатор мора да му се даде писмена признаница. 

Мали политички донации

Мала политичка донација е политичка донација која изнесува помалку од 1.000 долари.  

Доколку се дадат повеќе мали донации на исто лице во една финансиска година, кога ќе се соберат заедно тие може да станат политички донации кои мора да се пријават.  

Политичките донатори треба да внимаваат да водат точна евиденција за да можат да утврдат дали тие дале повеќе мали донации во вкупна вредност од 1.000 долари или повеќе. 

Кој може да дава донации?

Во Нов Јужен Велс има строги правила за тоа кој може да дава политички донации.  Донаторот мора да биде:

  • поединец кој е запишан за гласање на сојузните избори, или на државни или локални избори во Нов Јужен Велс или
  • субјект со Aвстралиски деловен број (Australian Business Number) или друг број признаен од  Австралиската комисија за хартии од вредност и инвестиции (Australian Securities and Investments Commission) или 
  • поединец или субјект кој има одобрување од Изборната комисија на Нов Јужен Велс да дава политички донации.  

На одредени корпорации, поединци и нивните блиски соработници им е забрането да даваат политички донации: 

  • градежни претпријатија
  • деловни субјекти од тутунската индустрија
  • деловни субјекти од индустријата за алкохол и коцкање - вклучително и регистрирани клубови ангажирани во обложување или други видови на коцкање 
  • блиски соработници на забранети донатори и индустриски организации кои претставуваат забранети донатори.

Незаконски политички донации

Одредени политички донации се незаконски.  Ако некое лице даде или прими политичка донација која е незаконска, тоа лице можеби направило прекршок и може да биде кривично гонето на суд од страна на Изборната комисија на Нов Јужен Велс.   

Примери на незаконски политички донации вклучуваат:

  • донации во готовина над 100 долари.  Политичките донации во износ над 100 долари мора да се дадат електронски или со чек
  • анонимни политички донации кои мора да се пријават
  • донации од забранети донатори 
  • донации кои се поголеми од максималниот дозволен износ за донации. 

Пријавување на политички донации

Лице кое дава политичка донација што мора да се пријави е главен политички донатор. Главните политички донатори мора да ги пријават на Изборната комисија на Нов Јужен Велс деталите за политичките донации кои ги даваат.  Главните политички донатори мора да ги пријават политичките донации што мора да се пријават на крајот на секоја финасиска година. Политичките партии, избраните пратеници, кандидатите и други учесници во изборите мора исто така да ги пријават донациите кои ги даваат или примаат. Пријавувањето на донации од страна на главните политички донатори помага да се потврди дали е точно тоа што го пријавиле политичките партии, кандидатите и другите.  

Инфромации како се пријавуваат донации се достапни на here

Изборната комисија на Нов Јужен Велс ги објавува сите пријавени донации на нејзината веб-страница. 

Настани за собирање средства, донации и правилата

Политичките партии, политичарите и кандидатите кои се кандидираат на избори често организираат настани за собирање финансиски средства за нивната партија или за изборните кампањи. Важно е да се знаат правилата што важат за овие настани.

Со плаќање за присуство или учество на таков настан, на пример, купување влезница или друг предмет како дел од настанот за собирање средства, сумата што ја плаќате е политичка донација. 

Ако плаќате за други да присуствуваат со вас, политичката донација што ја давате ја вклучува сумата што ја плаќате во нивно име. 

Давањето победничка понуда на аукција за собирање средства или купување билети за томбола додека сте таму, исто така е вообичаен пример на политичка донација на настан за собирање средства.

Можеби ќе треба да ги пријавите политичките донации што ги давате на настан за собирање средства на Изборната комисија на Нов Јужен Велс, доколку се работи за донација што мора да се пријави. 

Контактирајте нѐ

Ако имате било какви прашања, ве молиме контактирајте нѐ на 1300 022 011 или испратете ни имејл на fdc@elections.nsw.gov.au. Ако ви е потребен преведувач, ве молиме јавете се на TIS National на 131 450 и замолете ги да телефонираат на Изборната комисија на Нов Јужен Велс на 1300 022 011.

Видео записи

За краток преглед на правилата за политички донации, погледнете ги видео записите подолу.